Спикерката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси планира да ги испрати документот за импичмент против поранешниот претседател Доналд Трамп до Сенатот на 25 јануари, со што ќе започне судењето на поранешниот претседател за „поттикнување на бунт“ во врска со смртоносниот упад на поддржувачите на Трамп во Капитолот на 6 јануари.
Лидерот на сенатското мнозинство Чак Шумер денеска рече дека „судењето ќе се одржи во Сенатот и ќе има гласање за тоа дали да се осуди претседателот“.
Трамп е првиот американски претседател за кој два пати беше изгласан импичмент и прв на кој ќе му се суди по напуштањето на функцијата на 20 јануари.
Трамп од Белата куќа замина на Флорида и не присуствуваше на инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден.
Во упадот на поддржувачите на Трамп во Капитолот на 6 јануари загинаа пет луѓе. До насилствата дојде откако Трамп повторуваше дека победил на изборите на 3 ноември и оти изборите биле наместени за да му се одземе победата, без да даде никакви докази за тоа. Неговите тврдења беа одбиени десетици пати од различни американски судови.
Распоредот за судењето во Сенатот се уште е непознат.
Демократите во Претставничкиот дом кои гласаа за импичмент на Трамп минатата недела, велат дека сакаат судењето да почне брзо на почетокот на мандатот за Бајден затоа што е потребна целосна разрешница за државата да тргне напред.
Републиканците, пак, бараат одложување на почетокот на судењето до февруари за да му се даде време на Трамп да подготви одбрана. Некои демократи исто така поддржуваат одложување за да му се даде повеќе време на Сенатот да ги потврди именувањата на министрите од страна на Бајден. / РСЕ