Основниот суд во Приштина, Специјално одделение, издаде налог за апсење против Милан Радоичиќ и уште 19 други Срби за воени злосторства. Тие се осомничени за убиство на 106 албански цивили во Ѓаковица и малтретирање на 300 други, јавуваат косовски медиуми.
Одлуката е донесена на 15 април 2025 година, по барањето на Специјалното обвинителство од 27 март 2025 година.
Специјалното обвинителство на Република Косово во барањето наведе дека на 18.03.2025 година донело одлука за покренување истраги под ознаката PPS.nr. 20/2025 против обвинетите поради основано сомнение дека во периодот 1998-1999 година, на местото викано „Талиќи мост“ во Ѓаковица од 7 до 10 мај 1999 година, припадници на униформираните српски воени и полициски сили, меѓу кои и претходно споменатите обвинети, почнале да влегуваат куќа по куќа, каде со сила и закани ги извадиле сите присутни од куќите, одвојувајќи ги мажите од жените и децата, а потоа убиле вкупно 106 цивили од албанска националност, а по војната нивните тела биле пронајдени во масовна гробница во Батајница.
Д. Т.