Поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски, по извршениот претрес во неколку објекти на неговото семејство од Финансиската полиција, ноќеска е однесен на распит кај судија на претходна постапка во Кривичниот суд.
Од Судот засега нема официјални информации за епилогот од распитот. Нема потврда ниту за информацијата што ја објавија дел од медиумите, дека е побаран притвор за Јакимовски.
Јакимовски е лишен од слобода и во следните 24 часа тој ќе биде изведен пред истражен судија за наводна злоупотреба на службената положба кога беше градоначалник во Карпош за три тендери. Ова е атак врз неговата политичка работа. Се бара притвор за него, изјави синоќа пред полноќ, неговиот адвокат Виктор Цветковски.
Финансиската полиција вчера попладне изврши претрес во неколку објекти на семејството Јакимовски. Од Финансиската полицијата најавија дека денеска ќе соопштаат повеќе информации за акцијата.
Јакимовски, пак, во изјава за медиумите рече дека ова е поврзано со наводни малверзации со три тендери, од кои два за општинската барака и една за плоштадот во Жданец, односно тоа што општината не ги активирала банкарските гаранции, иако ангажираната фирма не ги исполнила одредбите од договорот и договорот бил раскинат.
Според него, станува збор за техничка грешка на општинските служби, а ова е политичка одмазада против него.
Адвокатот Цветковски тврди дека овој случај е политички атак и хајка против Јакимовски и партијата ГРОМ.
Д. М.