Нивните лични податоци беа злоупотребени од предаторите во групата за сексуално вознемирување на жртвите. Ана, 28 годишна девојка од Кавадарци, жртва на оваа злоупотреба вчера објави видео на својот Инстаграм профил каде го опишува вознемирувањето кое го доживеала.
„Почнав да добивам пораки и повици на мојот мобилен, на вајбер, на ватсап, на месинџер и на инстаграм. Не знаев што се случува и од каде доаѓа тоа. Се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, зашто таа слика не само што беше објавена во „Јавна соба“, туку е препраќана и на други места“, вели во видеото.
Таа додава дека се преплашила, бидејќи досега не и се случило такво нешто и случајот го пријавила во Одделот за сајбер криминал да пријави.
„Им ја покажав сликата, им ги покажав пораките, повиците. Им кажав дека ги имам со име и презиме луѓето кои што ми ѕвонеа и пишуваа. Меѓутоа, кога слушнаа дека сум полнолетна ми рекоа дека не можат ништо да направат бидејќи Законот во нашата држава е само за малолетници за вакви случаи. Јас во тој момент се почувуствував толку беспомошно и бесно што навистина не знаев што да направам и каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, многу се разочарав и видов дека во државава не постои правда, дека ако ние имаме над 18 години немаме никаква заштита. Токму поради тоа луѓето се осмелуваат на вакви работи зашто знаат дека никој ништо нема да им направи“, вели жртвата во видеото.
Премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук профил соопшти дека испратиле категорични барања до социјалната мрежа „Телеграм“ да ја избришат групат „Јавна соба“ и дека нема да престанат да инсистираат во тоа, додека не се избрише.
„Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба, каде се сподеува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сè додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дела. Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сè да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи, каде се случуваат вакви кривични дела“, пишува Заев.
Заев додава дека се надева дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат.
„Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, пишува Заев.
Тој упати и порака за охрабрување и за жртвите на ова насилство и вознемирување.
„Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела. Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери. Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава“, истакна Заев.