ЦИВИЛ Млади по зимскиот распуст повторно ја активираа иницијативата „Преку аудиовизуелизација и дебата до полесно и поефикасно учење“. По успехот во СУГС „Георги Димитров“, следната дестинација на која ќе се упатат е СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“.
Настанот ќе се одржи на 30 јануари, вторник, во 12:15 часот.
Во „Васил Антевски Дрен“ ќе го проектираат филмот „Најсреќната кикиритка во светот“ кој ја наметнува тематиката за проблемите на либрализацијата, светскиот пазар и Светската банка, со кратка презентација подетално ќе го објаснат овој „проблем“ за подоцна на дебата конструктивно да се разговара со присутните ученици и професори на оваа тема.
Од ЦИВИЛ Млади сметаат дека ова може да биде поттик за сите основни и средни училишта да организираат што е можно повеќе вакви настани со кои преку аудиовизуелизација (филмчиња, презентации, клипчиња) и дебата младите, пред сè полесно ќе научат и ќе ги запомнат темите за кои дискутираат, а и ќе ја разбудат креативноста и почитувањето на различните ставови и мислења.
Настанот го организираат во соработка и поддршка на ЦИВИЛ-Центар за слобода и Македокс.