На вториот ден од кампањата за предвремените парламентарни избори, партиите и коалициите ја претставуваат својата политичка понуда на средби со граѓани и прес-конференции, почитувајќи ги притоа мерките за заштита од Ковид-19.
„На 15 јули го бираме правиот пат, а не обновата на режимот. Бираме обнова, но на инфраструктурата, на патиштата, капиталните објекти, канализации, гасификации и изградба“, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев во Прилеп.
Нагласувајќи дека за три години се градеше според план, Заев ги потенцираше достигнувањата во Прилепско.
„Се градеа патишта, инфраструктура, капитални објекти кои за луѓето, од една страна живот значат, а од друга страна има барок, стиропор и провизии. Еве ме во Прилеп, до патот спрема вештачкото езеро, област особено важна за прилепчани. Особено сум горд што нашата одговорна власт го реконструираше со нов асфалт и ова е првпат да се реконструира, а е изграден уште од времето на Тито. Ние ја реконструиравме инфраструктурата што цели пет децении стоеше недопрена и беше оставена во заборав од режимот“, изјави Заев.
Проверка на имотната состојба на политичарите и Закон за финансиска лустрација, се двата проекти што Македонски концепт ги нуди за надминување на длабоката поделба меѓу богати и сиромашни граѓани. Спроведувањето на овие два проекти е со цел да завладее правото и во нашата држава, секој да се соочи со последиците од своите дела и да се стави крај на празните ветувања.
Не е нормална ваквата поделба во државата, не е нормално да гледаме како политичарите се богатат а ние сме тивки набљудувачи на нивната алчност. И да знаеме дека сето тоа е спечалено на наш грб. Време е да ја вратиме нормалноста во нашата држава.
„Премногу долго сме заложници на празните ветувања на политичарите, и левите и десните, а притоа тие се богатат. Веќе триесет години во оваа држава ниту еден политичар не одговара за своите постапки. Имаме корупција во државата, но дали вистински се бориме против неа. Не, сето тоа е само декларативно. Затоа Македонски концепт ќе се залага за носење Закон за финансиска лустрација“, истакна Стево Насковски, носител на листата на кандидати за пратеници за ИЕ 5.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната листа во Изборна Единица 2, Владо Мисајловски денеска е во посета на Општина Куманово, каде што истакна дека граѓаните се повеќе разочарани бидејќи во Македонија цветаат криминал, корупција, рекети и торби Луј Витон и време е на тоа да се каже доста е и да одговара секој еден што се огрешил.
Мисајловски изјави дека време е еднаш да се смени ова што се случува како во Македонија така и во Куманово кое СДСМ го запостави иако со години го има под своја власт.
Кандидатот на ДУИ за премиер, Насер Зибери денеска ја посети Спомен куќата на Мајка Терезе и истакна дека на земјава и треба фигура која ќе може да интегрира без оглед на политичка, етничка, социјална или друга припадност.
„Потребен и е субјект кој не припаѓа на ниту на едната, ниту на другата страна, се со цел да се надмине биполарната нетрпеливост меѓу главните субјекти кои претендираат да ја продолжат агонијата во земјава“, истакна Зибери.
Тој смета дека овие биполарни тенденции, кои, според него, ја забавуваат земјава во напредокот, може да ги надмине еден трет субјект кој со својата програма може да ја добие поддршката.
Зибери првиот ден од своите активности го почна од меморијалната куќа на Мајка Тереза од причина што како што рече, Мајка Тереза е фигура која значи хуманост, социјална правда, единство и интеграција, но и
елиминација на сите неправди и сите можни делби.
Носителот на листата на коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Движењето Беса, во шестатат изборна единицам Билал Касами, оствари средби со жителите на Тетово , каде вообичаено во четврток се одвива и пазарен ден. Главната порака беше дека политичката програма на Движењето БЕСА ќе води состојба на ред, правда и дисциплина.
„Сега со поддршка на граѓаните, во овој мандат ќе работиме да ги отворима сите 80 поглавја од преговирите за членство во ЕУ. Така, не само формално и реално ќе се подобри животот на граѓаните. Ќе се зголеми просечната плата, поддршка на малите бизниси, подобрување во образование, инфраструктурата. Реално ќе се обидеме на крајот од мандатот животот да биде поблизок како во земјите членки во ЕУ“, истакна Касами.
А. П.