Продолжуваат препукувањата на релација власт-опозиција околу предлог-законот за наставници и стручни соработници кој е на дневен ред во Собраниската Комисијата за образование , наука и спорт. Меѓусебните обвинувања од Собранието, денеска продолжија преку партиски соопштенија.
Пратеничката од опозициската ВМРО ДПМНЕ, Иванка Василевска,на денешната прес конференција излезе со обвинување за владејачкото мнозинство дека сакаат „шверцерски и неделовнички“ да се стават на дневен ред во Комисијата за образование, наука и спорт, закон кој, според опозициската партија, има за цел целосна партизација на образованието.
-Четири дена тензии во Собрание и манипулации во јавноста од страна на СДСМ и ДУИ кои се со цел да се протурка штетен закон за продлабочување на партизацијата во образовниот процес. СДСМ шверцерски како и секогаш што прави, сака неделовнички на дневен ред во Комисијата за образование, наука и спорт, да се стави закон којшто има за цел целосна партизација на образованието.
Со овој закон платите на просветните работници нема да се зголемат! Како што напоменав и претходно, овој закон има за цел само партизација во образованието, обвинува Василева.
Со реакција на прес-конференцијата на Василевска , со соопштение излегоа од СДСМ, во кое ја обвинија ВМРО ДПМНЕ за блокирање на предлог-законот за наставници и стручни соработници.
Од таму велат дека е срамно однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои со блокади, деструкции и закани за физички насилство спречуваат повисоки плати во образованието и трајно вработување за 4.700 наставници и стручни соработници во основните и средните училишта.
Цела година ВМРО-ДПМНЕ го блокира овој Закон на штета на наставниците и стручните соработници. За ВМРО-ДПМНЕ било штетно ова законско решение кое е во интерес на 27.000 наставници во основното и средното образование.
ВМРО-ДПМНЕ лаже дека ќе се укинува приправничкиот стаж, лаже дека се бори за поголеми плати во образованието, нивните блокади се на штета на наставниците и целиот образовен процес.
Зачудувачка е леснотијата со којашто ВМРО ДПМНЕ блокира толку важен Закон кој воопшто не го прочитале, велат од СДСМ. Со ова ВМРО ДПМНЕ го докажа и го достигна врвот на деструкција.
Доколку барем малку имаат искрена грижа за наставниците, ВМРО ДПМНЕ наместо да блокираат, ќе прочитаа и ќе знаеа дека со членот 21 од предлогот со измена на членот 66 од стариот Закон и додавање на нови членови, комплетно се дефинира платата која се состои од основната компонента и исклучителната компонента изразени преку бодови.
Значи основата компонента е различна зависно од кариерниот напредок и звањето на наставникот, а исклучителната компонента се изразува во членот 66-в.
Согласно членот 66-г, на наставникот кој реализира воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно концепцијата за основно образование и воспитание, му се исплаќа плата во висина на плата за 40 часовно работно време во неделата, доколку има неделен фонд од најмалку 10 наставни часа.
Наставниците не заслужуваат да бидат потценети, навредувани, а најмалку ВМРО ДПМНЕ да ги дели партиски, стои во соопштението на СДСМ.
Д.М.