Учениците од трета година од средното училиште Васил Антевски Дрен од Скопје, кои се на екскурзија низ Европа од 4 часот утрово на автопатот кај Будимпешта чекале нов автобус, откако на автобусот со кој се превезувале му се блокирале тркалата.

Според информациите од загрижените родители, автобусот и претходно се расипал на мост, но возачите го „поправиле“ и продолжиле.
Од агенцијата „Ројал Старс Травел“ за ЦИВИЛ Медиа ја потврдија оваа информација и изјавија дека во моментов учениците се сместени во нов автобус од Будимпешта.
„Учениците се сместени и ќе тргнат назад во секој момент“, изјавија од агенцијата.

Иако оттаму велат дека веднаш реагирале, учениците цели осум часа поминале на автопатот кај Будимпешта.
Револтирани родители за ЦИВИЛ Медиа велат дека ќе бараат да се испита целиот случај до крај иако од агенцијата тврдат дека автобусот ги поминал сите вонредни прегледи, како и дека поседуваат лекарски уверенија за возачите и сите потребни дозволи од пазарна инспекција.
„Среќа е што не се случила поголема трагедија, како онаа од неодамна на автопатот „Тетово – Гостивар“. Но, да се блокираат тркала е навистина страшно. Зошто во старт децата не тргнаа со нов автобус, како овој за кој сега зборуваат од агенцијата дека го испратиле од Будимпешта? Треба ли да ни се случи некоја трагедија за да се свестиме? До кога агенциите ќе мислат на профитот, а не на безбедноста?“, прашува еден револтиран родител.
Учениците од средното економско пред 5 дена преку агенцијата Ројал стар травел заминале на 5 дневна екскурзија низ Европа.
М. Ивановска












