Проширена е детската градинка „Праскичка” во Росоман, со што отсега таму ќе можат да бидат згрижени вкупно стотина дечиња од росоманско. Во изминатиов период беа преадаптирани простории од поранешниот здравствен дом, со финансии од Министерството за труд и социјална политика, Фондација отворено општество Македонија и локалната самоуправа. Овде ќе бидат згрижени дечиња на возраст од шест месеци до две години.
Заменик министерот Ѓонул Бајрактар, изрази задоволство од пуштањето во функција на просториите кои значат проширување на градинката, за кои Министерството има удел во опремата на просториите.
-Како Влада на Република Северна Македонија настојуваме и во две и пол години како Министерство изградивме, реконструиравме, опремивме околу 31 градинка. Истовремено, во тек се уште 12 што ги градиме, реконструираме и опремуваме. Вложуваме во раниот детски развој, бидејќи иднината ни се децата кои ќе ја градат државата. Како Министерство и Влада планираме до 2021 година да го зголемиме опфатот на деца до 50 отсто во градинките. Вложуваме во децата, дејствуваме и во руралните средини, нагласи Бајрактар, изразувајќи благодарност до Фондацијата.
Фани Каранфилова – Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество, исто така го поздрави овој проект. Таа нагласи дека тие инвестираат во најмладите и веруваат во инвестициите во раниот детски развој, бидејќи сметаат дека е тоа најсолидна основа што овозможува општествата прогресивно да се развиваат.
-Инвестирањето во раниот детски развој значи дека инвестираме во идните генерации кои ќе бидат активни и успешни. Затоа одлучивме да ги поддржиме напорите на Владата, а во случајов и на Општина Росоман, да се обезбеди поголем опфат на дечиња во градинка, рече таа.
Градоначалникот Бранко Јанев зрази задоволство од соработката со Министерството и Фондацијата, која како што рече, вложила околу милион и двеста илјади денари за проектот.
Со проширувањето на градинката се намалува листата на дечиња кои чекаат упис во градинка, кажа директорката Андријана Петрова -Ѓоргова. Таа информираше дека за градинка чекаат уште триесетина дечиња. Се планира и тие да бидат згрижени со доградба на градинката. /МИА