Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Иницијативата за развој и инклузија на заедниците (ИРИЗ) во рамките на проектот „Политики за претприемништво во Македонија за надминување на другоста кон Ромите“, изработи анализа на политиките за претприемништво во Република Македонија за надминување на „другоста“ кај Ромите. Со анализата се идентификувани низок степен на искористеност, како и бариери што оневозможуваат поефикасно искористување на мерките за поддршка на самовработувањето и претприемништвото кај Ромите, особено кај Ромките.
Стапката на проодност на Роми-корисници на мерките за поттикнување на самовработување и кредитирање на претприемништво е под 30%, односно лица кои потпишале договори, во однос на вкупниот број на лица од ромска националност кои поднеле барање. Спроведената анализа укажа на постоење на јаз меѓу креирањето на политиките и потребите на претприемачите – Роми.
Целта на истражувањето е да се направи преглед и да се анализираат политиките за социо-економско вклучување на Ромите во Република Македонија, преку отстранување на пречките за развој на претприемништвото. Во истражувањето се опфатени претприемачи кои имаат формален бизнис (регистрирано правно лице) и неформален бизнис (нерегистрирано правно лице), преку 240 интервјуа во десет општини во Македонија каде статистички има најголем број на припадници на ромската заедница. Во истражувањето се вклучени претприемачи припадници на ромската етничка заедница (претприемачи Роми) и претприемачи од другите етнички заедници во Македонија (претприемачи не-Роми).
Оваа публикација е овозможена со поддршка на Open Society Foundation – Будимпешта во рамките на проектот „Политики за претрпиемништво за надминување на другоста кај Ромите“, имплементиран од Центарот за економски анализи и Иницијатива за развој и социјална инклузија – ИРИЗ.