Categories

ДОЈЧЕ ВЕЛЕ Пет необични ставки во германскиот коалициски договор

Во вчера потпишаниот договор за формирање коалициска влада во Германија, освен стандардните теми, има и необични ставки, наведува Дојче веле.

Во документот на 117 странички се наведува се што владата планира да направи за време на својот мандат, а меѓу планираните проекти има и неколку необични.

Новата германска влада планира да воведе финансиска помош за користење домашни услуги за самохраните родители, за постарите лица или за оние кои негуваат членови на семејството. Тоа подразбира дека владата ќе плаќа чистење на домовите на оние кои не можат сами да чистат или се под подтојан временски притисок.

Со коалицискиот договор се предвидува поттикнување на развојот на лозарството, посебно на падините, а се планира и ознаките за потекло на германските вина да бида меѓународно заштитени.

Идната влада сака да ја поддржи иницијативата за е-спортот да стане олимписка дисциплина, што значи и развој на електронскиот спорт.

Германската влада, исто така, ќе побара Европската комисија да го преиспита статусот на волците како заштитени видови, а потоа да се одредува во кои ситуации волковите смеат да се убиваат заради заштита на луѓето или стоката.

Во документот е искажана и загриженост околу исхраната на Германците и бидејќи владата не може да ги натера луѓето да јадат повеќе зеленчук и овошје, ќе биде развиена Национална стратегија за редукција, чија цел е намалување на шеќерот, солта и маснотиите во пиците, супите од кесичка и слично.

Претседателите на партиите на новата демохристијанска-социјалдемократска коалиција вчера во Берлин потпишаа договор и воедно најавија брзо остварување на политичките цели содржани во договорот за формирање коалициска влада на Германија. Договорот, составен на 117 странички, во комплексот на Будестагот во Берлин го потпишаа претседателката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Ангела Меркел, лидерот на сестринската ЦСУ Хорст Сиховер и претседателот на СДП Олаф Шолц.

Според најавите, в среда, Парламентот четвртипат ќе ја избере Меркел за кацелар, по рекордни 171 ден откако беа одржани изборите. Новите министри се очекува да положат заклетва во текот на неделава.


извор: МИА

Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.

Print Friendly, PDF & Email