Работниците не треба да прифаќаат какво било условување од работодавачите поврзано со исплата на плата. Со вториот сет мерки за справување со економските последици на кризата предизвикана од коронавирусот, предвидена е директната помош од 14.500 денари за месеците април и мај, за исплата на вработените во фирмите погодени од кризата. Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат да изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени, порачуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар посочува дека во случај кога газдата ги условува работниците дека ќе им ја исплати утврдената плата за април и мај ако потпишат спогодбен отказ, тие треба тоа да го пријават во Државен пазарен инспекторат.
Од аспект на заштита на работниците, многу е важно работниците да не потпишуваат спогодбен отказ од работа, бидејќи во тој случај на лицето не му следува паричен надоместок преку Агенцијата за вработување. Затоа, на работодавачите им се препорачува, во овој период, доколку немаат друга можност и се принудени да го отпуштат работникот, тоа нека го направат со негово прогласување за технолошки вишок.