По денешното апсење на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена за „злоупотреба на службената должност“ пристигнаа и првите реакции од партиите.
СДСМ смета дека градењето на независен правосуден систем ги покажува вистинските резултати и дека правната држава функционира неселективно за сите.
„Како и досега, СДСМ ги охрабрува и ги повикува сите надлежни институции да продолжат со длабинска, независна истрага за случајот „Рекет“, да постапуваат согласно законите.Очекуваме истрагата да продолжи онаму каде што водат доказите, да ги покаже сите детали и никој да не биде поштеден, ниту амнестиран. Одговороност мора да понесат сите инволвирани, без разлика на политичка или на било каква друга припадност“, стои во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека денеска „завршила кариерата на првиот соработник на Зоран Заев, Катица Јанева“.
Од партијата обвинуваат дека со тоа што Јанева не била приведена уште првиот ден откако во јавноста излезе скандалот „Рекет“ е искористен за уништување на доказите против неа.
„Катица Јанева нанесе срам освен на кредибилитетот на обвинителиот систем, туку нанесе срам и на самата правда во Република Македонија, ги изневери сите оние луѓе кои веруваа дека оваа власт ќе донесе правда“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
М. И.