Насер Зибери е кандидатот за премиер на ДУИ, кој беше промовиран вчера во Преспа, на првиот ден од предизборната кампања, под слоганот „Време е за првиот премиер Албанец“.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети истакна дека Зибери ги има сите доблести да ја води извршната власт на земјата кон полна еднаквост.
„Немаме ништо против човекот, но верувам дека неговото учество во вака уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да го реформира ДУИ, на ДУИ му треба поминување во опозиција четири години за да може да се реформира да биде добра партија“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера на граѓанска трибина во Струмица, зборувајќи за предлогот на ДУИ.
Заев додаде дека ова е само политика и политиканство, затоа што мандатот на крајот на денот го даваат граѓаните.
„Тие бираат личност, кадар посветен, што тоа го докажал досега и верувам дека на 15 јули граѓаните преку својот глас ќе определат кој ќе биде идниот премиер на македонската Влада“, додаде Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека премиер не се станува во канцеларија, дека треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка.
„Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка така се станува претседател на Влада. Ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани без разлика на етничка припадност, а начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнително оптоварување за граѓаните и дополнителна поларизација, а ние тој начин на водење политика го одбиваме“, додаде Мицкоски.
А. П.