Под најновото „Прашање на денот“ на ЦИВИЛ – „Што мислите за средбата на лидерите на Западен Балкан и ЕУ?“ – се отвори остар и искрен дигитален форум, во кој граѓаните не го штедеа својот став.
Голем дел од коментарите се исполнети со разочараност, цинизам, па и револт. Мнозинството учесници ја изразуваат длабоката недоверба во интегративните процеси и укажуваат на долгогодишната стагнација на Северна Македонија во однос на европските перспективи. „Ништо. Тешка работа за Македонија. Сите одат напред, ние остануваме заглавени“, пишува еден коментатор, додавајќи дека „не ни требaат непријатели однадвор“.
Некои гледаат на процесот како на стратегија на „смирување“ од страна на ЕУ. „Даваат пари на бедните балканци само за да не се потепаат меѓу себе“, вели друг. Овој коментар се надополнува со став дека Западен Балкан е перципиран од Европа како нестабилен регион што треба постојано да биде контролиран – регион во кој, наместо институционален развој, европските пари често се злоупотребуваат за „пљачки и лично збогатување“.
Има и коментари со саркастичен тон, како оној што вели: „Си играат мајтап со нас со пинџурот и пиперките“, алудирајќи на површниот третман на балканските прашања од страна на европските лидери.
Во сенка на овие реакции, се појавуваат и политички пораки, насочени кон домашната сцена. Дел од коментарите отворено ја критикуваат Владата и повикуваат на внатрепартиски промени. „Падна предизборната програма на соросоидното СДСМ“, пишува еден од коментаторите, додавајќи дека „време е да се посветат на себе, сè друго е бајка“.
Заклучокот од овие граѓански гласови е јасен – недовербата во процесот на евроинтеграција е длабоко вкоренета, особено кога тој се перципира како средство за манипулација или алатка за одлагање на суштинските промени. Една реплика сублимира сè: „СИТЕ ДОБИВААТ, САМО НИЕ ГУБИМЕ.“