Расправата во Собранието по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, почнува денеска на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Десет дена трае општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет. Според информациите објавени на собранистака страница, за Предлог-буџетот се поднесени над 200 амандмани од овластени предлагачи.
Со Предлог ребалансот што го усвои Владата на 19. месецов вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.
Фајнанс тинк во вчера објавениот коментар за ребалансот на Буџетот го реафирмира ставот дека проектираниот раст на даночните приходи од 12,6 проценти, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и (ревидираната) стапката на инфлација, е амбициозен.
Со ребалансот се предвидува раст на платите, пензиите и социјалните трансфери, што и во извештајот на Фајнанс тинк се препознава како ризик пред локални избори.
„Ставката стоки и услуги расте со 22,5% во однос на остварувањето од 2024 година, што е големо забрзување на растот кој беше висок и при иницијалното проектирање (14,8%). Имајќи предвид дека оваа ставка е недоволно транспарентна и вклучува, на пример, договори на дело како форма на квази вработување во јавната администрација, истата крие ризици особено во година на локални избори“, велат од Фајнанс Тинк, пренесува МИА.