Израелските сили во текот на изминатата ноќ убија најмалку 58 Палестинци во новите воздушни напади врз Газа, соопштија денеска локалните здравствени власти, додека земјата се подготвува за нова копнена офанзива.
Според локалните здравствени власти, повеќе од 300 жители на Газа се убиени во израелските напади од четвртокот, во една од најсмртоносните фази на бомбардирање откако пропадна примирјето во март.
Најновите напади се случија откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја заврши својата блискоисточна турнеја, без видлив напредок кон нов прекин на огнот.
-Од полноќ, примивме 58 маченици, додека голем број жртви остануваат под урнатините. Ситуацијата во болницата е катастрофална, изјави директорот на индонезиската болница во северна Газа, Марван Ал-Султан.
Израелската војска денеска соопшти дека спроведува напади од големи размери и мобилизира војници како дел од подготовките за проширување на операциите во Појасот Газа и стекнување „оперативна контрола“ во областите на палестинската енклава.
Ескалацијата на конфликтот, што вклучува и распоредување на оклопни сили по границата, е дел од почетните фази на операцијата „Гидеонова кочија“, за која Израел вели дека има за цел да го порази Хамас и да ги врати заложниците, пренесе МИА.