БЕЛГРАД, 25 октомври 2026 – Извонредно голем интерес за гласање, долги редици и атмосфера што потсетува на референдум – ова се дел од впечатоците на Марко Маневски, колумнист на ЦИВИЛ МЕДИА, кој во првиот видеоразговор од Белград ја пренесе атмосферата од денешните вонредни парламентарни избори во Србија.
Првите податоци за излезноста го потврдуваат големиот интерес на гласачите. Според ЦеСИД и Ипсос, до 9 часот гласале 12 проценти од избирачите, наспроти 5,3 проценти во истиот период на изборите во 2023 година.
Новиот пресек на набљудувачката организација ЦРТА покажува дека до 10 часот излезноста достигнала 19,8 проценти, речиси двојно повеќе од 9,8 проценти регистрирани во истиот период во 2023 година.
Во разговорот со ЦИВИЛ МЕДИА, Маневски ја опиша атмосферата во Белград како референдумска, посочувајќи го големиот интерес на граѓаните и нивната решеност да гласаат и покрај долгите редици и организациските доцнења. Тој кажа дека луѓето се солидарни, се нудат со кафе и пецива – не сендвичи што ги потсетуваат на практиките на власта – а некои читаат книга додека чекаат на ред да го остварат своето право на глас.
ЦРТА соопшти дека на 16 проценти од набљудуваните избирачки места отворањето доцнело повеќе од десет минути.
Голем интерес и во дијаспората
Необично големи редици се забележани и во Њујорк, каде што гласањето започна во 2 часот по полноќ, по локално време, за што извести и Маневски, потпирајќи се на свои извори во странство.
Српската новинска агенција Бета известува дека стотици граѓани чекале пред Генералниот конзулат на Србија, а редицата се протегала до Петтата авенија.
За гласање во странство се регистрирани 102.147 избирачи, повеќе од двојно во споредба со претходните парламентарни избори.
Високата утринска излезност укажува на силна мобилизација на гласачите, но сама по себе не го определува конечниот изборен исход.
ЦИВИЛ МЕДИА продолжува со теренски извештаи и видеоразговори од Белград во текот на изборниот ден.
Џабир Дерала
ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












