Трети земји кои не се членки на ЕУ можат да се здружат и да учествуваат во проекти за набавка на одбранбена опрема и техника преку Инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), доколку имаат склучено договори за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, информира денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.
– Третите земји кои можат да се вклучат во ова група и да прават заеднички набавки се Норвешка, Молдавија, Јужна Кореја, Јапонија, Албанија и Северна Македонија, изјави Рение.
Овие трети земји со склучени договори за партнерство за безбедност и одбрана можат да учествуваа во Инструментот САФЕ заедно со членките на ЕУ и на ЕФТА, како и Украина.
Земјава и Европската Унија лани во ноември го потпишаа Договорот за партнерство за безбедност и одбрана, со што таа стана прва во регионот на Западниот Балкан што склучи таква спогодба со ЕУ.
Наменскиот инструмент САФЕ, кој се формира во рамки на Планот „Ревооружување на Европа“ на Европската комисија, претставува фонд од 150 милијарди евра наменети за финансирање на инвестиции во одбранбените капацитети на Европа, кои ќе бидат исплаќани по барање на заинтересираните земји за проекти утврдени со нивните национални планови за одбрана.
Извор: МИА
фото: архива