Мировниот план од 28 точки, поддржан од САД, за завршување на војната во Украина, кој стана јавен минатата недела, е базиран на документ напишан од руски автор, доставен до администрацијата на Трамп во октомври, според три извори запознаени со ова прашање, објави Ројтерс.
Русите го споделиле документот, во кој се наведени условите на Москва за завршување на војната, со високи американски претставници кон средината на октомври, по состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон, велат извори на Ројтерс.
Документот, неофицијална комуникација позната во дипломатскиот жаргон како „нон-пејпер“, содржел јазик што руската влада претходно го предложи на преговарачката маса, вклучувајќи отстапки што Украина ги отфрли, како што е отстапување на значителен дел од својата територија на исток.
Ова е прва потврда дека документот – чие постоење првично го објави Ројтерс во октомври – бил клучен придонес во мировниот план од 28 точки.
Американскиот Стејт департмент и руската и украинската амбасада во Вашингтон не одговорија на барањето за коментар, велат од Ројтерс.
Белата куќа не коментираше директно за нон-пејперот, но ги цитираше коментарите на Трамп дека е оптимист во врска со напредокот на планот од 28 точки.
„Со надеж за финализирање на овој мировен план, му наложив на мојот специјален претставник Стив Виткоф да се сретне со претседателот Путин во Москва, а во исто време, секретарот на армијата Ден Дрискол ќе се сретне со Украинците“, напиша Трамп.
Не е јасно зошто и како администрацијата на Трамп се потпре на рускиот документ за да помогне во обликувањето на сопствениот мировен план. Некои високи американски функционери кои го разгледаа, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, веруваа дека барањата на Москва веројатно ќе бидат целосно отфрлени од Украинците, велат извори од Ројтерс.
Д. Т.












