Реакциите на вчерашното ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за настаните во Србија? на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ по жестоките протести во Србија се поделени и остри. Дел од коментарите истакнуваат дека „странски држави организираат платеници за дестабилизација“, а некои читатели додаваат дека Србија „треба да најде свој Заев“ за да биде ставена под западна контрола.
Странски платеници или народен бунт?
Во дел од коментарите на протестите во Србија се толкуваат како организирана операција на „странски држави и домашни предавници“ со цел да се дестабилизира државата. Според нив, целта е да се повтори „шарената револуција“ како во Македонија, Украина или Црна Гора, за да се донесе „марионетска влада“ по мерка на Западот.
„Вучиќ е човек за народот“
Во голем број коментари, поддржувачите на српскиот претседател Александар Вучиќ го претставуваат како лидер кој „се грижи за државата и народот“ и кој е единствениот што може да одолее на надворешните влијанија. За нив, сценариото е јасно: како што Македонија со Заев „стана дел од западната агенда“, така и Србија е цел на сличен процес.
Низ македонска призма
Значителен дел од коментарите носат директни паралели со Македонија. Некои потсетуваат на промената на името, НАТО членството и статус квото со ЕУ преговорите, обвинувајќи ја опозицијата дека „ја блокирала иднината“ со одбивање на уставните измени. Други, пак, со остар тон велат дека и Вучиќ и македонските лидери ја користат државата како „приватен имот“, а граѓаните остануваат жртви на сиромаштија, ниски приходи и високи цени.
Русија, Западот и „чиј човек е Вучиќ?“
Меѓу коментарите се провлекува и дилемата – дали Вучиќ е „човек на Русија“ или „човек на Западот“. Според ваквите коментари, судирот во Србија не е само домашна политичка борба, туку дел од пошироката геополитичка стратегија во регионот.
Коментарите за Србија покажуваат дека дел од јавноста на политичките настани гледа низ призма на теории на заговор, национални предавства и геополитички судири. За едни, Вучиќ е гарант на стабилноста и суверенитетот; за други, само уште еден од лидерите кои ја користат државата за лични интереси. Во скоро сите одговори моѓе да се забележи дека довербата во институциите и политичарите е ниска.
Б. Ј.