Со финансиска поддршка од Европската Унија, преку проектот „ЕУ за млади“, целосно се реконструирани објектот и ученичкиот дом на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ во Охрид. Инвестицијата во вредност од околу 1.7 милиони евра овозможи учениците и наставниците да добијат современи, безбедни и енергетски ефикасни услови за настава и престој.
Реконструкцијата и рехабилитацијата опфатија низа градежни и инфраструктурни зафати:
- Реконструкција на 2313 м² покрив
- Обнова на 1732 м² подови
- Изведени 5512 м² молерофарбарски работи
- Нови 2941 м² плафони
- Обнова на 4994 м² фасада
- 3489 м² партерно уредување
- Монтажа на 24 соларни панели
- Ново надворешно осветлување: 34 големи и 84 мали канделабри
- Изведена фекална канализација од 379 м и атмосферска канализација од 330 м
- Вградени 296 нови врати и прозорци
- Монтажа на 530 изолациски панели
Дополнително, просторот е адаптиран со нови инсталации за греење, нова водоводна и електрична мрежа, како и современа компјутерска мрежа и противпожарен систем.
На свеченоста одржана на 13 јуни 2025 година, зборуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, Министерството за образование и наука, Општина Охрид, тимот на проектот „ЕУ за млади“ и раководството на училиштето. Тие им честитаа на сите тимови вклучени во реконструкцијата и истакнаа дека учениците и вработените добиваат функционален, модерен и енергетски ефикасен простор кој придонесува за квалитетна обука на кадри и развој на локалната и регионалната економија, особено во областа на туризмот и угостителството.
Објектите сега се целосно подготвени да примат над 1000 ученици, со услови кои се споредливи со стандардите во земјите на Европската Унија.