Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ја бранеше тековната подготовка за можно распоредување европски трупи во Украина по потенцијален прекин на огнот со Русија, јави ДПА.
Пред состанокот на западните сојузници на Украина во Париз што треба да се одржи подоцна денеска, Русија повторно одби распоредување какви било трупи на НАТО во Украина за да го надгледуваат потенцијалниот мировен договор.
– Зошто сме заинтересирани за тоа што Русија мисли за трупите во Украина?, рече Руте како одговор на настан организиран од Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS) во Прага.
Тој рече дека Украина е суверена држава, и не е на Русија да одлучува за присуството на трупи.
Таканаречената Коалиција на подготвените треба на состанок во Париз треба да дискутира како да се обезбеди безбедноста на земјата нападната од Русија по евентуален крај на војната.
Фокусот е на зајакнување на украинската армија, но исто така и на политички и воени обврски во случај на обновена руска агресија.
Се очекува Руте преку видео-врска да се приклучи на состанокот во Париз чии домаќини се францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
Според воени извори, присуството на трупи од европските земји на НАТО во Украина би можело првенствено да вклучува обемна мисија за обука. Тоа значи дека тоа не би била мировна мисија во традиционална смисла.
Шефицата за надворешни работи на ЕУ Каја Калас минатата недела рече дека постои широка поддршка меѓу земјите на ЕУ за обука на украински воен персонал, исто така и на украинска територија, откако ќе се постигне прекин на огнот со Русија, пренесе МИА.