Главната улица на Општината Шуто Оризари ќе добие систем за собирање на атмосферските води, најави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
„Договорот е веќе потпишан, проектната документација е готова од лани, кога и беше распишан тендерот. Се работи за атмосферска канализација на улицата ‘Шуто Оризари’, а компанијата која ќе го изведува потфатот е ‘ЈУ БАЈ 2 Амет’ од селото Бојане. Рокот за завршување на проектот е шест месеци. Ова ќе биде прв инфраструктурен проект од ваков вид за Шутка“, изјави Коце Трајановски во медиумите.
ЦИВИЛ Медиа се обиде да добие одговор од Град Скопје, кога е потпишан договорот (кој месец и година, за да може да се пресмета кога завршува рокот за изградба на системот) и колку ќе чини зафатот – изведбата на проектот. Но, не добивме одговор ниту во телефонските разговори, ниту на електронската порака што на нивно барање, им ја испративме.
Неуспешни беа нашите обиди и да стапиме во контакт и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, да ни даде изјава во врска со проектот. Ниту на официјалната страница на Општината нема никаква информација во врска со изградбата на атмосферската канализација.
Дел од „народот“, на кој во речиси секој јавен настап се повикуваат претставниците на власта, а кој живее на десет минути оддалеченост од центарот на Скопје, и во 21 век сѐ уште нема атмосферска, и во голем дел ни фекална канализација. Граѓан(к)ите се снаоѓаат со копање на септички јами, кои потоа се главен извор на зарази и болести.
Дали атмосферската канализација ќе биде завршена до следните локални избори, и граѓан(к)ите конечно ќе имаат чисти улици и околина, или ќе мора да ги чекаат следните парлементарни избори?
Дехран Муратов