Сабота, 12 часот, празни улици, затворени кафулиња, маркети, продавници и школи. Штип без штипјани, без бучава и сообраќаен метеж. Толку многу тивко, дури морничаво.
Птиците најгласни, со бездомните кучиња го освоиле градот.
Сакајќи да направам неколку слики од празниот парк, случајно сум им влегла ,,дома“ на бездомните кучиња, па ми се налутија или се исплашија од мене. А и јас од нив. Ама на крајот се разбравме, па ми правеа друштво по празните улици.
Улиците на град Штип ќе останат празни до понеделник до 5 часот наутро.
Во изминатото деноноќие во Штип се регистрирани дополнителни 6 случаи на Ковид-19. 
Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 13 пациенти потврдени и сомнителни на корона вирус, а уште 13 се следат на домашно лекување. Освен една пациентка кај која има влошување на состојбата, сите останати пациенти се стабилни.
Симона М. Живкова (текст, фотографија и видео)












