По сведоштвото на бездомникот Алберт Османов кој изјави дека од „Ранка Милановиќ“ преминал во „Чичино Село“, бидејќи имал проблеми со останатите смејства кои живеат таму и оти условите за живеење се лоши, во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Љатифе Шиковска од невладината организација „Амбрела“ вели дека не е точна неговата изјава.
„Проблемот е што Алберт Освамов со неговото семејство не избегал од „Ранка Милановиќ“ туку напротив, тој беше претходно неколку пати опоменуван од страна на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Тој во текот на тримесечниот престој со неговото семејство таму, постојано ги вознемируваше останатите семејства, бидејќи секој ден се расправаше и имаше конфликт со неговата жена во „Ранка Милановиќ“, вели Шиковска.
Таа додава дека се обидоа да ги надминат неговите семејни проблеми, меѓутоа за жал не успеале.
„Тие секојдневно се караа и останатите семејства побараа од нас да превземеме некакви мерки. Го информиравме Меѓуопштинскиот центар дека имаме проблем, потоа беше повикан на разговор кај нив каде што му кажаа дека повеќе нема да престојува во „Ранка Милановиќ“ туку ќе биде префрлен во „Чичино Село“, каде што е веќе две недели“, истакна таа.
Шиковска потенцираше дека ако на Алберт и неговото семејство условите не им беа добри како што се пожали на интервјуто, тој во секое време можел да излезе од таму и да побара друго сместување.
„Меѓутоа, кога ќе се сместиш во една установа не е во ред и не е коректно да плукаш кон претходната институција каде што си бил сместен. Јас најодговорно тврдам дека Алберт беше проблем во „Ранка Милановиќ“, кадешто многумина други семејства се жалеа, а и ние како невладина организација бевме сведоци, бидејќи работиме и сме сервис за услуги на тие семејства кои што се сместени таму“, додаде таа.
Шиковска најодговорно тврди дека не е точно дека некој сакал да му ги малтретира и злоупотребува жената и децата.
„Неговите деца како и останатите беа згрижувани и секојдневно го посетуваа Дневниот центар за деца на улица во Гази Баба“, додаде таа.
Дехран Муратов