СДСМ знае дека нема поважен приоритет од здравјето и животот на граѓаните и затоа нашиот став е дека парламентарните избори треба да се спроведат во првиот момент кога ќе ја совладаме епидемијата. Соочени со фактот дека епидемиолозите научно дискутираат дека е можно повторно да се појави вирусот, а потоа одново да има голем број заразени, неопходно е да се искористи првата можност по спласнување на здравствената криза затоа што тоа е одговорно пред граѓаните.
Како сериозна партија, СДСМ нема да ги остави граѓаните во неизвесност и со оправдувањет дека имаме здравствена и економска криза, да бега од избори. Напротив, имаме сериозна намера во текот на јуни, доколку здравствените и стручните работници дадат дозвола, да организираме избори кои им се неопходни на државата и на граѓаните.
Државата не смее да влезе во целосна уставна криза. Комплетните рокови за актуелниот мандат на пратениците истекуваат на 11 декември и потоа следува криза која не е обработена во Уставот, велат од СДСМ.
Оттаму, имајќи ги предвид сите информации и аргументи за здравствената криза, СДСМ смета дека при првото олабавување од корона вирусот неопходно е да се организираат избори. Постојат примери во регионот и во Европа каде што политичките партии веќе закажуваат датуми за избори во текот на јуни. За разлика од другите држави ние имаме дополнителни причини да одиме на избори, немаме парламент и немаме политичка Влада, туку само техничка.
СДСМ повикува изборниот процес, кога ќе се создадат услови, да продолжи онаму каде што е застанат. Партиите имаат поднесено листи со кандидати за пратници, а завршени се и други процедури.