Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко изјави денеска за Би Би Си дека во центарот на градот се водат улични борби, што, според него, ги попречува напорите за извлекување на неколку стотици луѓе кои се блокирани во подрумот на театарот, за што украинските власти тврдат дека Русија го бомбардирала во средата, пренесува МИА.
Тој за британската медиумска куќа истакна дека специјални тимови можат да ги расчистат урнатините и да ги заштитат луѓето само ако прекинат борбите.
– Има тенкови, гранатирања, се пука од разни видови оружје. Нашите сили прават се што можат за да ја задржат својата позиција во градот, но непријателските сили се побројни од нашите, за жал, рече Бојченко.
Тој не можеше да процени колку луѓе успеале да побегнат од таа област во претходните 24 часа.
– Украинските власти не забележале дека има значително поместување на границите на одвојување меѓу украинските и руските сили, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.
Во онлајн обраќањето тој нагласи дека се водат борби во Мариупол, Николаев, Керсон и Изум, каде руската армија е во офанзива.
Во опколениот пристаништен град Мариупол, украинските и руските сили се борат за фабриката за челик Азовстал, една од најголемите во Европа, изјави денеска советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Вадим Денисенко.
– Сега е борбата за Азовстал. Можам да кажам дека го загубивме овој економски гигант. Всушност, една од најголемите металуршки фабрики во Европа тукушто се уништува, истакна Денисенко во телевизиско обраќање.
Мариупол, со својата стратешка позиција на брегот на Азовското Море, е мета од почетокот на војната на 24 февруари.
Генералштабот на украинската армија доцна синоќа соопшти дека при руската опсада на Мариупол е изгубен пристапот до Азовското Море.
Русија вчера соопшти дека нејзините сили го „затегнуваат обрачот“ околу Мариупол, каде се проценува дека се оштетени 80 отсто од зградите и куќите, а се сомнева дека околу 1.000 луѓе се уште се блокирани во импровизирани засолништа под уништениот театар.
Украинската армија воведе 38-часовен полициски час во Запорожје, кој почнува денеска попладне и ќе заврши рано наутро в понеделник, изјави денеска заменик градоначалникот Анатолиј Куртиев.
– Не излегувајте во тој период, нагласи Куртиев на интернет.
Запорожје е важна транзитна точка за некои од 35.000 луѓе кои избегаа од опколениот град Мариупол.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руската армија со хиперсонично оружје уништила голем украински подземен склад за ракети и муниција за авиони во регионот Ивано-Франковск, објавоија западните медиуми.
Министерството, исто така, соопшти дека се уништени украинско воено радио и извидувачки центри во близина на Одеса со помош на крајбрежен ракетен систем.
– Авијацискиот ракетен комплекс „Кинџал“ со хиперсонични аеробалистички ракети уништи големо подземно складиште на проектили и авијациска муниција на украинските сили во селото Дељатин, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Западните медиуми додаваат дека не можат независно да го потврдат соопштението на Министерството за одбрана на Русија.
Д.М.