„Случајот против „Абзас Медиа“ е пример за тоа како азербејџанскиот судски систем се користи како оружје за да се замолчи независното новинарство и повикува на силен меѓународен одговор, изјави , Мари Струтерс, директорка на Амнести Интернешнл за Источна Европа и Централна Азија, реагирајќи на изрекувањето на долги затворски казни за седум медиумски работници во случајот „Абзас Медиа“ во Азербејџан.
На 20 јуни, Судот за сериозни кривични дела во Баку осуди седум медиумски работници поврзани со независниот истражувачки медиум „Абзас Медиа“ – вклучувајќи го директорот Улви Хасанли, главниот уредник Севинч Вагифгизи, истражувачкиот новинар Хафиз Бабали, новинарите Наргиз Абсаламова и Елнара Гасимова, преведувачот Мухамед Кекалов и економистот и дописник на Радио Слободна Европа Фарид Мехрализаде – на затворски казни од седум и пол до девет години. Обвиненијата вклучуваа „шверц на валута“, „перење пари“, „даночно затајување“ и фалсификување документи.
Се верува дека нивното гонење и затворање се одмазда за истрагите на медиумската организација за корупција меѓу семејството и блискиот круг на претседателот Илхам Алиев. Тие вклучуваат извештаи за повоената обнова во Нагорно-Карабах и нелегални финансиски мрежи поврзани со компании поврзани со државата. За време на рочиштата, одбраната истакна бројни процедурални неправилности, притисок врз обвинетите и сведоците и недостаток на веродостојни докази. Сведоците ги повлекоа или ги негираа претходните изјави, а обвинетите пријавија малтретирање во притвор.
„Со поднесување на измислени економски обвиненија против новинари кои разоткриле корупција на високо ниво, азербејџанските власти испраќаат застрашувачка порака до секој во земјата кој се осмелува да ги предизвика. Силна меѓународна реакција треба јасно да стави до знаење дека ова е неприфатливо.
Политичката репресија во Азербејџан денес е зачудувачка, но сепак ни недостасува обединет, принципиелен став против неа од меѓународната заедница, во одбрана на човековите права. За разлика од тоа, главните актери како Европската Унија истрајуваат активно да му се додворуваат на претседателот Илхам Алиев во потрага по профитабилни договори за гас.
Меѓународната заедница мора да изврши вистински притисок врз азербејџанските власти веднаш да ги ослободат новинарите на „Абзас медиа“, затворените медиумски работници од „Топлум ТВ“, „Мејдан ТВ“ и „Канал 13“, како и сите други критичари на владата кои се затворени само затоа што го оствариле своето право на слобода на изразување, како и да стават крај на системската кампања на азербејџанската влада против неистомислениците“, се наведува во реакцијата на Амнести Интернешнл.
Најмалку 25 новинари моментално се затворени во земјата. Азербејџан има најголем број затворени медиумски работници врз основа на политички мотивирани обвиненија откако се приклучи на Советот на Европа во 2001 година. Само на 7 мај беше уапсена независната новинарка Улвија Али, соработник на „Гласот на Америка“.
Д. Т.