По јавниот повик на премиерот Зоран Заев за лидерска средба во петок, 19 јули, со почеток во 14 часот во Клуб на пратеници, потврдни одговори за учество пристигнаа од ДУИ и Алијанса за Албанците. ВМРО-ДПМНЕ засега останува уште на ставот дека присуството на нивниот лидер зависи од тоа дали ќе се разговара за предвремени парламентарни избори и покрај јасниот одговор на Заев дека за избори може да се разговара во октомври 2020.
Алијанса за Албанците не само што ќе присуствува на лидерската средба туку и ќе презентира свои теми за кои очекуваат да се дискутира.
„Добро е што премиерот почнал да ја чувствува вистинската сила на Алијансата за Албанците. Отсекогаш сме мислеле дека вакви лидерски средби треба почесто да се свикуваат кога станува збор за чувствителни државни прашања. Ќе ја прифатиме поканата и сигурно ќе учествуваме во неа со наши предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира“, велат од Кабинетот на Села.












