Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, наведени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, се наведува во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија, објави Радио Слободна Европа.
„Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, се наведува во нацрт-извештајот на ЕК во кој имаше увид Радио Слободна Европа.
Според извештајот на Европската комисија,Црна Гора е најнапредна во процесот на пристапување кон ЕУ бидејќи ги отвори сите 33 поглавја од преговорите. Таа земја ги започна преговорите за членство со ЕУ пред 13 години и досега затвори седум поглавја од преговорите.
„Континуираната политичка посветеност на црногорските власти кон стратешката цел за европска интеграција даде опипливи резултати во постигнувањето на потребните реформи и напредокот на земјата на патот кон пристапување кон ЕУ“, се вели во извештајот.
Дијалогот за нормализација на односите, кој е исто така дел од пристапните преговори за двете земји, е сè уште клучен за Србија и Косово, според извештајот што ги опфаќа земјите од Западен Балкан.
Европската Унија им понуди шест милијарди евра на земјите од регионот во 2024 година како дел од таканаречениот План за раст, со цел да се забрза нивниот развој и интеграција.












