Наставниците и стручните соработници се најважната алка во реализацијата на воспитно-образовниот процес, затоа Министерството за образование и наука вложува максимални напори за достоинствено вреднување на нивниот труд и директна поддршка. На оваа важна тема и продолжување на досегашната успешна соработка денеска на работен состанок разговараа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на СОНК Јаким Неделков, соопшти МОН, пренесува информативната агенција МИА.
Како што информира Министетството, Шаќири на средбата истакна дека синдикатот останува силен партнер на МОН во спроведувањето на сите реформски процеси со кои, меѓу другото, е предвидено и јакнење и унапредување на наставниот кадар.
-Министерството за образование и наука посветено и континуирано се залага за вреднување на трудот на наставниците, а тоа го предвидуваме и во законските измени кои се во собраниска процедура. Економската и правната сигурност на наставниците за Владата е на врвот на приоритети за што е подготвен закон со кој се гарантираат овие права на наставниот кадар и стручните соработници, соопшти МОН.
На средбата, како што се наведува во известувањето, претседателот на СОНК Неделков изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за образование и наука и најави дека и во иднина синдикатот ќе го продолжи дијалогот со претставниците од МОН.