„Дали има правна основа за казни околу неучество на пописот треба да одговорат правници, но јас сум и за повеќе од кривична одговорност затоа што одбивањето попис е класично несакање на државата, неучеството во пописот ќе донесе само штетни последици, особено ако тоа е заради остварување на политички цели. Апелирам сите да се попишат затоа што преку пописот ние мораме да ја креираме иднината, врз основа на квалитетни резулатати да носиме квалитетни решенија, стратегии, а не врз база на интуиција. Секој што сака развојна политика мора да има релевантна информација, а пописот овозможува низа информации, важни за стопанството, здравството, образованието, развојот на науката и слично. Со стари информации од пред 20 години ние одиме во погрешен правец. Како инвеститор ќе инвестира ако нема информации за пазарот, за структурата на работниците, за средината во која сака да инвестира, и секако таков инвеститор нема да вложи пари.“ – изјави директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.
Според него попишувањето може да се одвива на отворен простор, на дистанца, со маски. И направи споредба со примери од праксата.
„Одбивањето на пописот е прекршочно дело, но хушкањето е сосема друго, тоа е кривично дело. Ние сега седиме тројца во студиото на метар и половина со маски. Попишувачот ќе биде и повеќе од два метра, со маска, а со маски ќе бидат и домаќините. Плус може да се попишуваат и надвор, и на тераси и во дворови. Да не зборувам дека сите одиме во маркети, на пазари и на други јавни локации… Значи ние сега во студиото сме повеќе изложени на заразата, отколку што ќе бидат попишувачите и граѓаните.“- додаде Симовски.