По вчерашните технички проблеми на апликација за попис на населението, проблемите се отклонети, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во Куманово, при посетата на Регионалниот пописен центар лоциран во средното техничко училиште.
„Правиме обновување на сето она што вчера беше сработено, а во моментов се врши и рестартирање на целиот процес со цел избегнување на било какви падови на системот во иднина, рече Симовски, додавајќи дека апликацијата за попис утрово повторно не работела оти се вршело отстранување на „багови“.
Тој рече дека конечно е решен проблемот со конекцијата, па попишувачите денеска повторно се излезени на терен и го попишуваат населението. Денешното рестартирање на целиот процес е за да нема слични проблеми во иднина.
„Пронајдено е решението на проблемот и слични такви падови во иднина нема да имаме. Треба да знаете дека вакви проблеми се можни секогаш кога работите со технологија“, нагласи Симовски.
Тој вели дека досега се попишале околу 150.000 граѓани.
„Не можам да ви кажам точна бројка во моментов, но утрово добив информација дека досега се попишани околу 150.000 луѓе. Како што кажав и вчера, не се забележани инциденти за време на спроведувањето на операцијата, а обврска на државните инструктори е да излезат на терен и да поразговараат со луѓето кои не сакаат да се попишат“, истакна Симовски.
Директорот на ДЗС додаде дека здравствената состојба на попишувачите сега е добра и се надева дека така и ќе остане. А за тоа дали имаат листа на лица кои се во изолација, рече дека имиња немаат и не можат ни да имаат, бидејќи се тоа лични податоци. Но, попишувачите ќе добијат адреси на лица кои во тој момент се во изолација и со нив ќе се договорат кога ќе може да се спроведе пописот, според протоколите за такви ситуации.
Симовски ја отфрли можноста поради вчерашните прекини во работата на апликацијата да се внесени двојни податоци.