Сирискиот претседател Ахмед ал Шара во саботата објави преодна влада, назначувајќи 23 министри во проширениот кабинет кој се смета за клучна пресвртница во транзицијата од децениското владеење на семејството Асад и за подобрување на врските на Сирија со Западот, пренесува Ројтерс.
Новите власти во Сирија предводени од сунитските исламисти беа под притисок од Западот и арапските земји да формираат влада што ќе ги вклучува различните етнички и верски заедници во земјата.
Тој притисок се зголеми по убиствата на стотици алавитски цивили – малцинската секта од која потекнува соборениот лидер Башар ал-Асад – во насилството долж западниот брег на Сирија овој месец.
Кабинетот го вклучи Јаруб Бадр, алавит кој беше именуван за министер за транспорт, додека Амгад Бадр, кој припаѓа на заедницата Друзи, ќе го води Министерството за земјоделство.
Хинд Кабават, христијанка и дел од претходната опозиција на Асад, која работеше за меѓуверска толеранција и зајакнување на жените, беше назначена за министер за социјални работи и труд. Мохамед Јоср Берние беше именуван за министер за финансии.
Шара ги задржа Мурхаф Абу Касра и Асад ал-Шибани, кои веќе беа министри за одбрана, односно за надворешни работи, во претходниот привремен кабинет што управуваше со Сирија откако Асад беше соборен во декември со офанзива на бунтовниците.
Тој, исто така, рече дека за прв пат основал министерство за спорт и друго за вонредни состојби, при што шефот на спасувачката група позната како Бели шлемови, Раед ал-Салех, е назначен за министер за вонредни состојби.
Во јануари, Шара беше именуван за привремен претседател и вети дека ќе формира инклузивна преодна влада која ќе ги изгради уништените јавни институции во Сирија и ќе ја води земјата до изборите, за кои, како што рече, може да бидат потребни до пет години.
Владата нема да има премиер, а Шараа се очекува да ја води извршната власт.
Претходно овој месец, Сирија издаде уставна декларација, дизајнирана да послужи како основа за привремениот период предводен од Шара. Декларацијата ја задржа централната улога на исламскиот закон и ги гарантираше правата на жените и слободата на изразување.
Д. Мишев