„На работа се запишав дека сум од христијанска вероисповед, бидејќи има 8 неработни денови“, вели еден анонимен граѓанин, кој е вработен во една реномирана фирма. Тој е муслиман, но вели дека на таа одлука се решил бидејќи е револтиран од законот. Тој не смета дека е предавник на својата вера, бидејќи системот го натерал да размислува за своите права.
„Јас во текот на годината имам само два слободни дена, за Рамазан Бајрам и за Курбан Бајрам. Меѓутоа, во фирмата каде што работам има само 2-3 муслимани и кога има христијански празници тогаш фирмата не работи. На нас муслиманите ни кратат денови од нашиот годишен одмор, бидејќи седевме дома, за празници што не ги славиме“, вели тој.
Додава дека на работа се свесни зошто се запишал како христијанин и секогаш кога има Бајрам него го ослободуваат од работа, бидејќи знаат дека е муслиман.
Но, со ваков и сличен проблем се соочуваат повеќе граѓани. На некои им кратат од одмор, на некои им кратат од плата… Секако, не по нивна желба!
Иако на хартија, за верски празници, не работат само верниците, во пракса е друго. Тој ден не работи речиси никој, освен ако во фирмата/институцијата има подеднаков број на вработени лица од две или повеќе верски заедници.
Дехран Муратов