Слави Трифонов, лидерот на политичката партија што доби најмногу галсови на последните избори во Бугарија – „Има таков народ“ (ИТН), за БНР изјави дека нема да поддржи влада со трет мандат, пренесува МИА.
На прашањето: Дали е можно ИТН да ја поддржи оваа влада во третиот мандат на која било политичка сила? Трифонов рече: „Кога ме видовте да кажам едно, а потоа да направам нешто друго?”
„Мислам дека дадовме сѐ од себе со мандатот на Има таков народ да имаме влада, постигнавме договор за речиси сите точки и тие имаа можност да дејствуваат чесно и национално одговорно, и да нѐ поддржат, а ние да имаме влада. Сега не гледам зошто треба да е спротивно”, изјавиТрифонов.
„Дури и ако претседателот побара поддршка за влада предложена со трет мандат, ИТН нема да ја поддржи“, категоричен е Трифонов.
Инаку, по изборите од 4 април, кога во Бугарија не беше обезбедено мнозинство за формирање влада, на 11 јули годинава, по три месеци, повторно се спроведоа избори, после што, ситуацијата со формирање влада остана речиси иста.
По спроведените избори на 11 јули, во Парламентот на Бугарија влегуваат шест партии, без јасно исцртано мнозинство.