Преку онлајн презентации почнувајќи од вчера, па сè до 26 март, матурантите од средните училишта на Град Скопје ќе имаат можност да се запознаат со студиските програми на факултетите и на универзитетите, што ќе им помогне полесно да ја изберат својата идна професија и кариерна ориентација.
За да се олесни комуникацијата меѓу учениците и факултетите на овие настани, секое училиште има назначено лице за контакт кое е задолжено да ги координира активностите на ниво на училиште.
„Воедно, оваа година ја предвидовме можноста факултетите, доколку имаат интерес, да се претстават и на официјалните веб-страници на училиштата со свои
видео-материјали кои ќе бидат поставени во определени денови за времетраењето на проектот“ велат од Град Скопје.
Проектот „Училиштата на Градот Скопје со отворени врати за факултетите и универзитетите за промоција на нивните студиски програми“, по четврти пат го реализира Град Скопје.