Попладнево продолжи општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот, со видливо помала присутност на пратениците. Пратениците од власта и опозицијата уште еднаш ги спротивставија ставовите. За СДСМ прекројувањето на државната каса е обезбедување дополнителна поддршка и нови инвестиции, додека за ВМРО-ДПМНЕ предизборен поткуп, продлабочување на сиромаштијата и нови непродуктивни трошења.
Но, ребалансот, наместо да биде централна тема, беше дефокусиран од полемики меѓу пратениците за други теми, како барокните фасади, проектот „Скопје 2014“, евро – обврзницата, Рашковски, обвинувања за криминал и корупција, на тоа што направи оваа Влада, а што таа пред неа, кој води добри, а кој лоши политики, кој сечел ленти по три пати, кој давал лажни ветувања и колку е партизирана администрацијата, известува МИА.
„СДСМ продолжува со веселата математика за да докаже дека економската ситуација не е катастрофална, а 600.000 граѓани живеат во сиромаштија, се најавуваат нови бранови на отпуштања во текстилниот сектор, 6.200 компании ставиле клуч на врата, поскапувањето на горивото и струјата предизвикува рапиден пад на стандардот и јавниот долг прпват е двојно поголем од вкупните приходи“, рече на почеток на расправата пратеникот Јованчов од ВМРО-ДПМНЕ.
На тоа реплицираше Панчо Минов од владејачката коалиција, со одговор дека капиталните расходи се зголемени и редизјанирани на сметка на бизнисот, за да им се помогне на компаниите и да им се овозможи да инвестираат. „Компаниите едвај го чекаат донесувањето на ребалансот за да ги остварат своите права“, истакна Минов.
Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ го повтори партискиот став дека ребалансот е неразвоен и неконзистентен.
На тоа реплицираше Диме Велковски од СДСМ, изнесувајќи конкретни бројки за поддршката што ја обезбеди Владата во сите сфери и со Буџетот, но и со ребалансот.
Седницата продолжува утре напладне. Општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот почна во четвртокот, а може да трае пет дена. / МИА












