По вчерашната информација дека е формирана Иницијатива за една изборна единица во која се вклучени 12 пратеници од 10 политички партии и еден независен пратеник, денеска Демократскиот сојуз соопшти дека подготвил Предлог на Закон за промена на Изборниот законик со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица.
Од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов сметаат дека пропорционалниот изборен со една изборна единица ќе биде одраз на волјата на граѓаните, ќе се зголеми одговорноста на извршната власт и конечно ќе се демонтира “еднопартискиот систем”, каде лидерот на владејачката партија и воедно премиерот одлучува за сè.
Собраниската иницијатива за една изборна единица, пак, бара да биде вклучена во процесот на измена на Изборниот закони. За таа цел вчера, писмено преку архивата тие побараа состанок со Претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес.
„Цениме дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на вољата на оние граѓани кои очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел“, велат од Иницијативата зад која стојат Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.
ЦИВИЛ како огранизација која се занимава со човековите права и слободи, но и со активен мониторинг на изборните процеси во земјата веќе десетина години наназад предупредува и се залага за изборен модел со една изборна единица.
По тој повод на 25 септември ЦИВИЛ организира голема конференција за изборните реформи на која се поканети сите политички партии, експерти и претставници на невладниниот сектор. Оваа конференција е ретка можност за јавно разгледување на потребите за изборни реформи меѓу кои се идеите поврзани и со оваа иницијатива што постои подолго од две децении.
Маја Ивановска