Сојузот на средношколци демантира дека е организатор на бојкот на наставата поради дигитализацијата на учебниците и дека тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста.
– Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, кои ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование, објави Сојузот на средношколци на Фејсбук.
Нивниот став, како што наведува, е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи.
– Ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа. Затоа, ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците, информира Сојузот со повик до учениците дека „овој бојкот е лажен и беспредметен“.