„Ветото на Бугарија е стратешка грешка на штета на европските вредности, нашата македонска иднина е во ЕУ. Неодобрувањето на преговарачката рамка за Република Северна Македонија од страна на Република Бугарија е на штета на осовните принципи и вредности на кои почива Европската Унија“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата додаваат дека со таквиот потег Бугарија застанува на патот на нашата европска интеграција, за која претходно институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдиле дека целосно ги исполнуваме условите.
„Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија. Македонскиот национален идентитет не беше, не е и во ниту еден случај нема да биде предмет на преговори и разговори“, се вели во нивното соопштение.
Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на нашиот македонскиот идентитет. велат од СДСМ, и додаваат дека поради ветото нема да дозволат застој на внатрешните реформи.
И од Влада вчера соопштија дека процесотот како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ и дека станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка.
„Во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји-членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија“, стои во владиното соопштение.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ ветото е поради неспособност на премиерот Зоран Заев.
„Заев е виновен затоа што со неговата непромислена политика на ветување на се и сешто тој ги ослаби македонските позиции трајно и не доведе во ситуација било кој да се осмели да бара што и да посака. Заев отвори проблем кај што го немаше. Пред Заев Бугарија немаше проблем, ниту помислуваше да бара од Македонија откажување од идентитетот, јазикот и историјата, бидејќи тоа е наше неотуѓиво право. Зоран Заев во изминатиов период стави на маса теми за кои не се преговара. И со тоа и наштети на Македонија трајно.“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Бугарија стави вето за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, и со тоа го попречи носењето одлука и за Албанија.
А. П.