Разговорите за нова влада во Романија завршија во уште еден ќорсокак во четврток, спречувајќи го очекуваното објавување на кандидат за премиер, пренесува Еурактив.
Ќорсокакот се врти околу прашањето за ДДВ. Зголемувањето на ДДВ од 19% на најмалку 21% е меѓу предложените мерки за намалување на буџетскиот дефицит. Сепак, планот наиде на силна реакција од јавноста. Претседателот Никушор Дан вети за време на својата кампања дека ДДВ ќе остане непроменет во текот на целиот негов мандат. Спротивно на тоа, Илие Болојан – кој се смета за водечки кандидат за премиер – инсистира дека зголемувањето на ДДВ е неопходно.
Двајцата одржаа дополнителни разговори во четврток вечерта во обид да го надминат ќорсокакот.
Во меѓувреме, тензиите продолжуваат и со партијата на унгарското малцинство, УДМР. Нејзиниот претседател, Келемен Хунор, рече дека партијата ќе донесе конечна одлука за тоа дали да се приклучи на владата во петок.
За време на преговорите меѓу четирите партии за кои се очекува да формираат проевропска коалиција – ПСД, ПНЛ, УСР и УДМР – на УДМР ѝ беше понудено Министерството за развој и култура. Сепак, раководството на партијата го отфрли предлогот, барајќи наместо тоа да ја задржи контролата врз Министерството за финансии.
Келемен Хунор, исто така, истакна дека може да се формира влада без УДМР, велејќи дека партијата повеќе не се чувствува добредојдена во коалицијата.
Одразувајќи ја растечката фрустрација, привремениот министер за финансии Танцос Барна објави дека нема да присуствува на состанокот на ЕКОФИН во петок, каде што Романија треба да го претстави својот план за намалување на дефицитот.
„Сè уште не знаеме кој ќе присуствува на ЕКОФИН. Едно е сигурно: Романија ќе биде претставена од некој кој, во име на Министерството за финансии, ќе го претстави пакетот мерки подготвени од новата коалиција“, рече Барна во четврток.
Д. Мишев