Меѓународниот ден на жената во Македонија годинава ќе биде одбележан преку панел-дискусии, маршЕви за права на жените, со хуманитарни акции, и преку уметнички перформанси, филм и музика…
Осмото издание на „Вечерите на женски права 2017“, од четврти до деветти март се одвиваат во Младинскиот културен центар. Нивната цел е преку уметност, филм и музика да ги поттикнат мажите и жените да размислуваат критички за родовата нееднаквост и да се оддаде почит за досегашните достигнувања на ова поле. Дополнително, програмата им е збогатена со меѓународна изложба на слики на тема „Супер хероини“, со работилници за стрип, за фотографија, за раскажување и за трансакциска анализа.

Во МКЦ се одржува уште еден настан – „ПичПрич“, галавечер на раскажување женски приказни. На 8 март, во Киното „Фросина“, со почеток во 21.00 часот, на тема „Љубовници“,модераторки ќе бидат Ана Василева и Румена Бужаровска.
Платформата за родова еднаквост организира „Марш на жените“ на 8 Март, од плоштадот „Карпошово востание“, преку Камениот Mост и плоштадот „Македонија“, до паркот „Жена-борец“.
„Ќе испратиме порака дека сме тука, дека сме важни и дека нашиот глас ќе биде чуен. Ве повикуваме да марширате заедно со нас. За еднакви права, еднаква плата, достоинствен третман и должно почитување! “, порачуваат организаторите.
Здружението за унапредување на правата на еднородителски семејства „Една може“, ќе организира донаторска акција.
„Земајќи ги предвид сите подвизи кои ги направивме изминативе години во движење, на најженскиот ден во годината, на 8 Март, организираме ‘фандрејзинг жур’ и официјално отварање на нашиот прв дом. Ќе споделиме накратко што досега направивме, ќе се запознаваме, вмрежуваме, за заеднички да градиме посреќни приказни, ќе ви го претставиме нашето социјално претпријатие ‘Една прави’, и акциите кои ќе ги реализираме. И конечно, ќе го прославиме 8 Март, не единствено со цвеќиња, туку солидарно и родово рамноправно. Една за да може – заедничариме сите“- порачуваат од тимот на „Една може“.

Во просториите на ЕУ Инфо центарот, на 7 март ќе се одржи панел-дискусија на тема „Жените во јавниот живот”. Како панелистки на настанот се најавени Фатиме Фетаи, специјална јавна обвинителка, Мерсиха Смајловиќ, хуманитарка и борец за правата на бегалците, Ива Матиќ, прва жена пилот во Македонија и Ангелка Пеева Лауренчиќ, директорка на Имиџ ПР.
Настанот е во организација на Democracy Lab од Тетово.
„Родовата еднаквост е сé поголем приоритет на голем број развиени земји. Огромни напори се вложуваат да се зголемат можностите за жените во општеството и да се создадат околности кои ќе ја намалат родовата дискриминација преку владини политики, но и преку кампањи за свест. Овој настан нема за цел од него да произлезат законски измени, туку да започне општествен дијалог и да им постави пример на младите жени и девојки – како изгледа успехот во нашето општество и што е потребно да се постигне. Ние сакаме млладите жени да чујат како едни успешни жени ја надминале општествената стигма, предизвиците и пречките во професионалниот живот“, порачуваат организаторите.
Во Куманово, на 8 март, во 12 часот, ќе се одржи третиот по ред „Марш за родова рамноправност“.
„Маршот се оддржува и како знак на почит на сите кои го дале својот допринос кон родовата рамноправност во Македонија и во светот“, истакнува на својот Фејсбук профил, Оливера Доцевска од „Јустиција“, организатор на настанот.
Вчера, на маршот организиран од страна на Форумот на жени на СДСМ, под мотото „За рамноправност – за живот“, лидерот на СДСМ Зоран Заев на присутните им порача:
„Убава е Македонија и заради тоа има женско име, убава е Македонија затоа што ги има најубавите жени на светот, но и среќна е Македонија, заради тоа што има храбри жени, жени борци, борци за својата татковина”.
Ивана Талеска












