Стинг, светски познатата рок-ѕвезда, го прекина својот концерт во Варшава во саботата навечер за да ја осуди руската војна против Украина како „апсурд врз основа на лага“ и предупреди дека демократијата ширум светот е нападната.
Обраќајќи и се на публиката со помош на популарниот полски актер Мачеј Штур во улога на преведувач, тој рече дека демократијата е „во голема опасност да се изгуби доколку не ја браниме“.
„Војната во Украина е апсурд заснован на лага. Ако ја проголтаме таа лага, лагата ќе не изеде. Лагата е преплашена од вистината. Мора да се слушне вистината. И не смееме да ја изгубиме оваа битка“, рече Стинг.
„Алтернативата на демократијата е затвор, затвор на умот. Алтернативата на демократијата е насилство, угнетување, затворање и молчење“, рече музичарот, поминувајќи со раката преку вратот во гест што го сече грлото.
https://www.youtube.com/watch?v=Sx1yX3RmPMA
По неговиот говор, тој ја изведе песната „Fragile“, чии стихови ги вклучуваат зборовите дека „ништо не доаѓа и ништо не би можело да дојде од насилство “.
Д.Мишев