Група студенти и граѓани протестираа мирно на 23 февруари, пешки од Себиљ во стариот дел на Сараево до зградата на Парламентот на Босна и Херцеговина – барајќи правда и одговорност за жртвите од поплавите што ја погодија Босна и Херцеговина на почетокот на октомври минатата година.
Со пораките „Ние сме вашата поплава“, „Кога до промени“ и „Правда“, студентите и граѓаните испратија порака во која бараат одговор од надлежните и соодветни санкции.
27 лица загинаа во поплавите и свлечиштата што на 4 октомври минатата година ги погодија Херцеговина и централниот дел на БиХ. Вкупната штета во Доња Јабланица, Коњиќ, Крешево, Фојница и Кисељак, места кои беа погодени од поплавите, изнесува 270 милиони конвертибилни марки.
„Ова не е само борба за жртвите од поплавите, ова е борба за поправедно општество во кое одговорните ги сносат последиците за своите постапки“, велат студентите кои иницираа претходни собири по истиот повод во Сараево.
Барањата се исти, а меѓу нив е и санкционирање на одговорните за работењето на каменоломот во Доња Јабланица, кој е опфатен во истрагата на обвинителството поради сомнение дека можел да предизвика свлечиште во кое загинаа луѓе и беше уништен имот.
Учесниците на протестот рекоа дека очекуваат гонење на одговорните кои не постапиле превентивно за да ги спречат смртните случаи, како и преглед на дозволите за работа на сите каменоломи во БиХ, пишува РСЕ.