Во Кривичниот суд во тек е главната расправа за предметот „Тврдина 2“, во којшто СЈО го товари, поранешниот началник на Петтата управа на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујовски, и шестмина други вработени, за уништување опрема за следење комуникации. Ова кривично дело, според обвинението, го сториле пред две години, веднаш по објавување на т.н. „бомби“ од тогаш опозиционата СДСМ.
Првите тројца сведоци на денешното рочиште, како што објави порталот plusinfo.mk потврдиле дека по претходна наредба, со две службени возила на МВР, во тајната база наречена „Брест“ кај село Петровец, скопско, уништиле материјали од УБК, сместени во црни кеси.
Тие изјавиле дека немаат информација за содржината на уништениот материјал, но потврдиле дека постапката ја извршиле по наредба на нивни претпоставени, во случајов, Горан Грујевски и Никола Бошковски, и двајцата во бегство.
Според денешната одлука на Судот, ним ќе им се суди во отсуство.