Анима Мунди упати барања за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура и тој начин го одбележува 4 април, Светскиот ден на бездомните животни.
„Анима Мунди, поддржани од 16 други здруженија за заштита на животните бара измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура и конечно, пред се законска забрана за еутаназија на бездомните животни… Барање за јасна, децидна забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација кучиња затоа што усмртувањето се применува со децении и не донело резултат, го продлабочило проблемот, дало можност на надлежните (општините) наместо трајно решавање, само да симулираат привидно намалување фокусирајќи се на краткорочни ефекти (пр. само за време на траење на сопствениот мандат), а потоа драстично продлабочување на проблемот кое што ги изложува граѓаните на опасност. Убивањето крај нема!“, се вели во нивниот повик.
Освен еутаназија, огранизациите за правата на животните бараат и забрана за чување на кучиња постојано врзани на ланец или во бокс, без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс, забрана за чување, одгледување и користење копитари во урбана средина, забрана за е користење на копитари за извлекување дрва, забрана за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, надвор од кланици, како и законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво, т.е. измени од кои би произлегла можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни.
Фотографија: Роберт Атанасовски












