Утре во Албанија треба да се одржат локални избори. Во 61 општина се бираат нови градоначалници. Според ОБСЕ/ОДИХР, во 31 случаи кандидатите на владеачката Социјалистичка партија немаат противници.
Локалните избори се сe’, само не плуралистички. Опозициската алијанса предводена од Демократската партија, членка на Сојузот на Европски народни партии, ги бојкотира изборите. Четири месеци претходно опозицијата ги врати своите мандати и со тоа ја напушти работата на Парламентот. Потоа опозициските партии со своите поддржувачи излегоа на улиците. На последните избори во 2015 година опозицијата освои 48% од гласовите. Поради тоа, во Албанија на овие избори се гледа како на гласање за или против владата на социјалистите. Пред се’ поради тоа што само во половина од местата има избор меѓу противкандидати.
Припадниците на армиската единица „командоси“ од утрово се грижат за безбедноста на странските амбасади во Тирана, јави дописничката на МИА од Тирана.
Тоа е во рамки на планот засилени безбедносни мерки на Министерството за внатрешни работи пред утрешните локални избори во земјата, а по претходен договор со Министерството за одбрана.
Албанските командоси задолжени се за безбедноста на 84 значајни објекти, на местото на околу 300 полицајци кои вообичаено ги обезбедуваат овие објекти, а кои сега се вклучени во обезбедување на изборните комисии и избирачките места.
„Вкупно 7.779 полицајци минаа низ соодветна обука и ќе бидат ангажирани во обезбедување на гласачките места, центрите за броење гласови и општински изборни комисии. Ќе имаат на располагање возила, како и соодветни средства за комункација. Ним ќе им се придружат и 1.450 припадници на други полициски сектори, како и од граничната полиција“, изјави Алберт Дервишај, директор на Бирото за јавна безбедност.
Пред одржувањето на локални избори во Албанија, опозицијата презема активности за спречување на изборите и со палење на изборен материјал во неколку општини. Во Бушат во северниот дел од земјата синоќа припадници на опозицијата го запалија целиот изборен материјал, а при интервенцијата на полицијата повредени се и тројца припадници на јавниот ред. Притворени се неколку члкенови на Демократската партија.