Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговото трпение со Иран е „при крај“ и дека со кинескиот претседател Си Џинпинг постигнал согласност дека на Техеран не смее да му се дозволи да развие нуклеарно оружје, додека Ормускиот теснец мора повторно целосно да се отвори за меѓународниот бродски сообраќај.
Изјавите доаѓаат по вториот ден од разговорите меѓу двајцата лидери во Пекинг, каде што покрај трговијата и односите меѓу САД и Кина, доминирале и темите за Иран, Тајван и енергетската безбедност. Според Трамп, разговорите биле „многу продуктивни“ и довеле до согласност околу клучните геополитички прашања.
Ормускиот теснец, низ кој пред кризата минувале околу 20 проценти од светските испораки на нафта и течен природен гас, беше сериозно блокиран по американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари. Затворањето предизвика силни потреси на глобалните енергетски пазари и раст на цените на нафтата.
Во интервју за Fox News, Трамп изјави дека Си Џинпинг понудил помош за повторно отворање на теснецот и јасно ветил дека Кина нема да испраќа воена опрема во Иран.
Белата куќа соопшти дека двајцата лидери се согласиле дека теснецот треба да остане слободен за глобалниот транспорт на енергенси, додека Кина дополнително изразила противење на милитаризацијата на водниот пат и на евентуални ирански наплати за транзит на бродови.
И покрај прекинот на директните американски напади врз Иран, тензиите остануваат високи. Вашингтон продолжува со поморска блокада на иранските пристаништа, а преговорите за прекин на конфликтот се во застој бидејќи Техеран одбива да ја запре нуклеарната програма и да се откаже од залихите збогатен ураниум. Иран и натаму тврди дека неговата програма има исклучиво цивилни цели.
Кинеското Министерство за надворешни работи не ги коментираше директно разговорите за иранската нуклеарна програма, но во соопштение оцени дека конфликтот „никогаш не требало да се случи“ и дека нема причина да продолжи.
ЦИВИЛ Медиа Деск










































